Во Спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје беше одржана конвенцијата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва за време на Конвенцијата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на која ќе биде претставена неговата изборна програма, порача дека токму Пендаровски покажал лидерство за европската иднина на државата.
Ковачевски зборувајќи пред присутните зошто Стево Пендаровски треба да биде идниот претседател, посочи дека Пендаровски постапил како вистински лидер во времето кога беше доставен Европскиот предлог.
-Кога беше време да се отворат преговорите со ЕУ во јули 2022 Стево и јас седевме заедно и тој рече „Знам дека од утре целиот притисок ќе биде врз тебе. Знам дека целиот овој процес ти ќе мора да го изодиш до крај. Затоа, јас ќе стојам рамо до рамо до тебе. Затоа, јас прв ќе излезам на прес конференција и ќе кажам: Да, Македонија треба го прифати Европскиот предлог. Македонија треба да стане земја членка на ЕУ. Тоа е начинот на кој постапуваат вистинските лидери. Лидерите кои им мислат добро на својот народ и на својата држава, рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ порача дека заедно со него, со Пендаровски и граѓаните, државата до 2030 година ќе биде земја членка на ЕУ.
-Со вакви храбри луѓе, направени од ваков цврст материјал што ништо не може да го скрши, Македонија ќе стане земја членка на ЕУ. Со Стево, со вас и со мене, во 2028 година Македонија ќе ги заврши преговорите со ЕУ и сите вие овде ќе бидете горди што се биле дел од патот на Македонија кон поправедна, побогата, подемократска европска држава, порача Ковачевски.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови