Радовишани со огромна поддршка за претседателскиот кандидат проф.д-р Гордана Силјановска Давкова – денеска беше одржан „Големиот народен митинг“ во Радовиш.
„Стево Пендаровски секој ден тврди дека ме немало никаде и дека ме заменил господинот Христијан Мицкоски. Знаете ли зошто не може да ме види? Поради реките народ кога сум долу, а кога сум горе, тука на говорницата, не сака да ме види затоа што не сака да ме слуша, оти сè што тој не кажува, јас кажувам, сè што тој не направил, бидете сигурни, дека јас ќе направам“.
Со овие зборови претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова на митингот во Радовиш одговори на критиките од Пендаровски дека била „невидлива“.
– Веројатно забележувате дека мојот противкандидат, господинот Стево Пендаровски, делува како да не е тој, туку како да има двојник. Човекот кој што до вчера беше потонат во љубов кон соседите, сега сосема директно почнува од фатална вљубеност, изразена на господинот Бојко Борисов, да употребува говор кој не шири добрососедство, апсолутно не личи на тоа, и тоа е нешто што навистина мене ме плаши. Можете да замислите до што може да доведе тоа? Тоа се вика немање став, тоа се вика немање дигнитет, тоа се вика отсуство на интегритет – рече таа.
Силјановска Давкова ги замоли присутните да се потсетат по што го памтат Стево Пендаровски како пратеник во Собранието:
– Дали Ве воодушеви со некој став, со некој говор, со некоја порака, со некоја одважност? Јас, на прашањето дали може да посочам три одлуки на Пендаровски кои се добри, се стаписав. И мислев, мислев, мислев, што е нешто најважно што сторил и се сетив. Кога рече „не“ за преговарачката рамка, ама тоа не траеше ни неколку часа, а потоа самиот се сети и се поправи, исплашен дека ќе го искараат. Дури рече дека тој учествувал во нејзиното создавање. Ако над 65% од граѓаните се против тоа, како тогаш човекот може да биде горд на нешто од што се срамите Вие, ние и сите? – праша Силјановска Давкова.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови