Изборната кампања на претседателските кандидати за првиот круг од изборите на 24 април влегува во втората половина, а за пет дена, на 18 април почнува кампањата за парламентарните избори. Во фокусот европската интеграција на земјата, потребните реформи, но и економската состојба, криминалот и корупцијата.
Државната изборна комисија (ДИК) вчера ги потврди листите за пратеници за парламентарните избори, но исто така неколку листи не беа прифатени. Извршена беше и жрепка за редоследот на избирачкото ливче за парламентарните избори.
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван низ Македонија продолжува со средби на граѓаните во Желино, Брвеница и со граѓаните на Теарце, а потоа тој ќе одржи митинзи во Јегуновце и во Тетово. Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска- Давкова ќе одржи средби со граѓани и митинзи во Зелениково, Бутел и Карпош.
Изборната програма пред граѓаните на Гостивар и Тетово синоќа ја претстави кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Силјановска-Давкова, а на митинзите зборуваше и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Силјановска – Давкова истакна дека транзицијата во државата е една од најдолгите и претставува маратон без крај и дека треба да се поработи на европските стандарди.
-Извештаите покажуваат дека со оваа власт може да продолжиме само во циклично движење во еден хибриден режим, таков систем во кој има избори, има институции, ама институциите се слаби, изборите не се секогаш фер и демократски, ама најмоќните се премоќни. Секоја моќ се заканува да ве корумпира, апсолутната моќ ги расипа оние на врвот во сите институции. Згора кога на клучните позиции се најдоа луѓе без дигнитет, без авторитет, логично е-тие се опкружија со слични на нив, не со слични на вас. Затоа е заразна е корупцијата и криминалот, стана системска – рече Силјановска Давкова.
Тогаш, продолжи таа, имаме формални носители на власта и вистински носители на власта.
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ упати прашања до Пендаровски во врска со тоа какви планови „ковал во вила Водно со Артан Груби, Димитар Ковачевски и Али Ахмети пред неколку месеци поврзано со Кривичниот законик“.
-Овој чесниот Стево Пендаровски добро е да каже што правеше и какви планови коваше во вила Водно во присуство на Артан, Ковачевски и Ахмети пред неколку месеци поврзано со измените на Кривичниот законик и евентуална можна амнестија на поранешни политичари. Со која цел? Со цел да поминат на шверцерски начин уставните измени и да се прифати бугарскиот диктат, но истовремено да се амнестираат поранешни политичари кои ќе му нанесуваат штета или ќе имаат обид да му нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија. Стево Пендаровски треба на ова да одговори, па потоа да дискутираме дали ќе одиме на дебата или нема да одиме од која патем кажано денес Стево како најголем кукавица избега – рече Мицкоски.
Според него, секој еден граѓанин треба да знае дека гласот за Стево е глас за Артан, Али, Талат и Ковачевски.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови