„Навистина излегува дека Албанците одлучуваат за формирање влада, за избор на претседтел итн. Во таква една безнадежна ситуација, особено кога нас како Македонци, зборувам сега во етничка смисла, нѐ лишиле од сѐ она што нѐ определува како посебен народ, посебна група со своја историја, култура и сето тоа, сега нормално почнува да се јавува и оној нерв на отпор кон тоа и велиш – стоп“, вели кандидатката на Левица за шефица на државата
Формирањето политичка нација е единствениот спас за да се вратиме кон оригиналната демократска либерална идеја, вели кандидатката на Левица за шефица на државата, Билјана Ванковска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашана за идејата за која се залага во предизборната програма, поткрепена со тезата дека „сите што сме родени во Македонија или што се расеани како бисери ширум светот, не можеме да бидеме друго, освен Македонци во политичка смисла на зборот“.
„За нас се применија специјални правила, особено по 2001 г., и сето она што вознемирува е тоа што тие се конституционализираа. Разликите станаа дел од Уставот, значи преку уставните амандмани, потоа прагмата, праксата си го носи своето и 20 години подоцна новите генерации не знаат за поинаку, за поинаков модел. Мислат дека отсекогаш двете најголеми заедници треба да бидат една наспроти друга, да се пазарат нивните елити, да прават коалиции, обично непринципиелни, бидејќи како колатерална жртва на тоа коалицирање беше амнестијата за воени злосторства во 2011 г. кога Груевски не можеше да направи влада без таква отстапка“, вели Билјана Ванковска, кандидатка за претседателка на државата.
Ние лавираме помеѓу меѓународните норми и воспоставените принципи – секој поединец да мора да фати страна, коментира Ванковска зборувајќи за потребата од задолжително декларирање на етничката припадност на кандидатите за пратеници пред избори. Според неа, етничките Македонци се лишени од правото на носење важни политички одлуки како резултат на политички пазарења со партиите од албанскиот блок.
Ванковска: Не зборуваме за кохезивно општество кое ги надминало болките од пред 20 години. Значи, не сме работеле на агендата на помирување, на разговор за минатото и овие млади генерации заслужуваат модерно општество.
360°: „Гласај за да се прашува Македонецот“, велите во програмата. На кој Македонец мислите, на политичкиот или на етничкиот?
Ванковска: Мислам на политичкиот, ама сега, знаете, работите дојдоа дотаму што буквално влада не може да се формира доколку некакви етнички концесии двата големи блока не си направат, па вклучително, ако сакате, во оваа борба за претседателски избори, веќе се зборува за контингенти. Деновиве имавме понуда од една албанска партија – ќе ви дадеме гласови за вашиот кандидат да победи, ако… Тоа им го нудеа, не мене, на оние што ги сметаат за фаворити, значи се зборува за пазарење. Е сега, ако е така, навистина излегува дека Албанците одлучуваат за формирање влада, за избор на претседтел итн. Во таква една безнадежна ситуација, особено кога нас како Македонци, зборувам сега во етничка смисла, нѐ лишиле од сѐ она што нѐ определува како посебен народ, посебна група со своја историја, култура и сето тоа, сега нормално почнува да се јавува и оној нерв на отпор кон тоа и велиш – стоп. Тоа го направивме и со францускиот предлог – протестите и сето тоа.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови