Продолжуваат средбите со граѓани и митинзи во повеќе региони од државава на која лидерите на партиите, заедно со носителите на листи, како и кандидатите за претседател, ги презентираат своите изборни програми за претстојните парламентарни и претседателски избори. Остануваат уште девет дена за кампања во која учесниците на изборите ќе можат да се претстават.
Кандидатот за претседател поддржан од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Стево Пендаровски, денеска ќе оствари средба со жителите на село Велебрдо и со жителите на општина Маврово.
Гордана Силјановска Давкова, кандидатката на ВМРО ДПМНЕ, исто така ќе биде на средби со граѓани, додека коалицијата што ја поддржува предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја презентира програмата за парламентарните избори пред граѓаните во Могила, Ресен, Демир Хисар и Битола.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе оствари средби со граѓаните на Крушево, Кичево, Струга и Охрид, додека, во Штип на народен собир ќе се обрати претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Амбасадорот на Европската унија во земјава, Дејвид Гир, вчера изјави дека првиот круг од изборите помина во генерално мирна и демократска атмосфера и изрази надеж дека така ќе биде и за време на кампањата од вториот круг од претседателските избори и за парламентарните избори.
– Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР веќе го издаде прелиминарниот извештај од Првиот круг на изборите. Изборите се одвиваа во генерално мирна и демократска атмосфера и навистина се надеваме дека во вториот круг на претседателските избори и во кампањата за парламентарните избори тие ќе се надградат во овој позитивен замаец што ќе овозможи целиот процес да заврши со позитивни пораки и со позитивно чувство, изјави евроамбасадорот, Дејвид Гир, кој вчера присуствуваше на одбележувањето на Европската недела на имунизација во Градски парк.
Двајцата претседателски кандидати вчера продолжија со средбите со граѓаните низ државава на кои зборуваа за своите заложби, ветувања, очекувања и цели.
Во рамки на кампањата пред вториот круг од претседателските избори, Пендаровски вчера имаше средба со граѓани на Охрид. Пред охриѓани тој зборуваше за концептот за кој се залага и ја побара нивната доверба за европската иднина на земјата, наспроти регресивната политика на опозицијата што, според него, ќе ја однесе земјата во изолација.
Во однос на резултатите од првиот круг, Пендаровски рече дека гласовите на кандидатите што отпаднаа се блиски со концептот за кој тој се залага. Потсети дека неговиот концепт е за Македонија во која сите се рамноправни, без намерно и вештачки продуцирани делби.
– Само изборот за бројот 1 е рецептот за успех на државата, се друго е рецепт за продолжена агонија, за враќање на режимот кога еден човек, една фамилија, една партија решаваа за судбината за 1,8 милиони луѓе, рече Пендаровски.
Претходно, Пендаровски имаше средба со граѓаните на Пештани, каде, исто така, зборуваше за настаните од 27 април и за амнестијата што ја нуди неговата противкандидатка за оние кои упаднаа во парламентот.
Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, вчера беше во посета на Дебар и Ростуше, каде што изјави дека е уверена дека граѓаните ќе гласаат, како што рече, „за подобрите“.
– Ние не агитираме, не ви велиме дека мора да гласате за нас, ама знаеме за кого ќе гласате. Ќе гласате за подобрите, ќе гласате за оние кои носат промени, а не за оние кои велат дека грешеле ама сега ќе се обидат тоа што го згрешиле да го поправат, бидејќи тоа е невозможно, изјави Давкова во Дебар.
На средбата таа вети дека ќе биде претседателка за сите.
– Можеби ова е добар момент да кажам дека ќе бидам претседателка на сите, ќе се однесувам натпартиски, ќе се однесувам со почит кон граѓаните без оглед на етничката, верска или каква било друга припадност, бидејќи претседателите, а особено претседателките, треба да обединуваат, а не да разединуваат. Ќе функционирам посветено одговорно како дома, бидејќи Македонија е мојата многубројна фамилија. Само така ќе си ја вратиме гордоста, а Македонија ќе има на што да биде горда, порача таа.
На средбите што ги имаше во Ростуше искажа убеденост дека победата на 8 мај ќе биде уште поголема.
Уште девет дена кампања за парламентарни избори и за вториот круг од претседателските избори
Во повеќе региони од државава вчера со кампања за парламентарните избори продолжија и политичките партии. Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, имаше митинг во Гостивар, додека, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше во Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница и Кочани. Претседателот на Демократската унија за интеграција – ДУИ, Али Ахмети, ги продолжи средбите со граѓаните во Кичево, Крушево и Долнени, а Коалицијата „Вреди“ ја презентираше својата изборна програма во Тетово. Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, беше во Кавадарци, а претседателот на Левица, Димитар Апасиев, на народен собир во Прилеп.
Ковачевски од Гостивар порача дека СДСМ никогаш нема да се откаже од своите вредности.
– СДСМ секогаш била рамо до рамо со граѓаните и за време на сите економски, здравствени и енергетски кризи. Се согласувам дека грешките повеќе ги паметиме. Знам дека ниту на вас граѓаните не ви беше лесно во последните години. Но, ние во ниту еден момент не се откажавме од вас и успеавме да се избориме со енергетската и економската криза. Затоа вечерва барам вие да не се откажете од нас, рече Ковачевски.
Нагласи дека заедно со граѓаните успеале да го срушат режимот на ВМРО-ДПМНЕ и, како што рече, „да ја ослободиме државата од канџите на ВМРО после 11 години изолација“.
– Со ваша поддршка ја внесовме Македонија во НАТО и донесовме тешки одлуки по 30 години да почнеме преговори со ЕУ. И СДСМ е единствената политичка сила која знае како да го направи тоа. Затоа бидете сигурни дека заедно со граѓаните со гордо крената глава на 8 мај повторно ќе излеземе на избори и повторно ќе кажеме – да, ние сме тие кои сме за прогресивна, напредна европска Македонија, посочи Ковачевски.
Мицкоски во Кочани истакна дека однесувањето на СДСМ и ДУИ ја подрива европската идеја, и народот не ги идентификува со Европа.
Најавувајќи дел од програмските определби за идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, тој нагласи дека таа силно ќе се посвети и ќе работи на подобрување на неповолната демографска состојба во државата.
– Демографската слика ни е многу важна, семејството ни е многу важно затоа што сето ова што заедно со народот го правиме и ќе го правиме, ако нема дечиња кои што се раѓаат во градовите и селата, ќе нема кому да му го оставиме и чуму тогаш да го работиме, рече тој.
Дополни дека во нивната платформа предвидуваат до шест бесплатни инвитро интервенции за младите мајки, а за секоја мајка и првородено дете ќе има поврат на данокот кој што е платен на доход во рок од една година.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средбата со граѓани во Кичево, истакна дека Европскиот фронт е долгорочен и не е за една употреба.
– Да дејствуваме до полноправно членство на земјата во ЕУ, како единствена алтернатива бидејќи немаме друг пат, додека не и кажеме ДА на Европа, нашата определба да бидеме членка на ЕУ за неколку години, како единствено решение за луѓето да не бараат подобар стандард надвор од земјата, изјави Ахмети во Кичево.
Тој се сретна и со граѓаните на Крушево и населените места Дебреше, Житоше и Борин од општина Долнени каде што посочи дека Европскиот фронт е направен за стабилност во регионот.
Коалицијата „Вреди“ во Тетово ја презентираше програмата „План 2030“. Тие ветуваат нов устав со Албанците како второ мнозинство во државата, прекугранична економска зона со Албанија и Косово, инвестиции од 500 милиони евра за инфраструктура во албанските општини и 800 евра минимална плата.
Коалиција „Вреди“Дел од десетте точки на нивната изборна програма се и забрана за коцкање и брзи заеми, ослободување на затвореници од монтирани случаи и нивно обесштетување, слободни економски зони за печалбари и за млади, зголемување на пензии, социјална помош и субвенции, како и капитални инвестиции да достигнат до 150 евра по глава на жител.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, во Кавадарци порача дека се роди нова политичка опција, трета опција во државата.
– Можам да ветам дека никогаш повеќе во државата нештата нема да бидат исти. Дадете поддршка на третата опција, на Движењето ЗНАМ За наша Македонија, што ќе биде контролор на идната власт и на идната опозиција, дополнително да се зголеми улогата на граѓаните и никогаш повеќе нема да се дозволи власта да аздисува како досега, без разлика кој ќе ја составува, истакна тој.
Апасиев во Прилеп рече дека очекуваат над 80.000 гласови и двоцифрен број пратеници за да може во идниот парламент, како што рече, „да спречиме многу штетни политики“.
-Очекуваме во Изборната единица 4 да влезат минимум двајца, а може и трет пратеник. Резултатот од првиот круг, реално, беше очекуван, ако споредиме со изминатите парламентарни избори кога имавме 37.000, а сега имаме 42.000 гласови. Очекуваме над 80.000 гласови на парламентарните избори што би донело 8 до 10 пратеници. Во програмата имаме 13 поглавја кои го опфаќаат секој аспект од општественото живеење. Главната порака до граѓаните е да го заокружат бројот 5 на гласачкото ливче и да дозволат млади неподмитливи луѓе да ги застапуваат, бидејќи доста ни е од веќе видени пратеници и од веќе видено гласање за помалото зло. На тој начин ќе спречиме многу штетни политики, рече Апасиев.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови