На денешен ден, 20 мај, во 1876 година, почнало востание на македонскиот народ против Османлиското Царство во Источна Македонија, со центар во селото Разловци.
Во втората половина на XIX век, Османлиското Царство западнало во тешка општествено-економска криза. Таквата состојба непосредно влијаела за влошување на положбата на сите народи на Балканот што останале во негов состав. Даноците биле зголемени и биле воведени нови, се засилиле злоупотребите на државните органи, се појавиле разбојнички банди кои вршеле грабежи и убиства.
За кревање на Разловечкото востание големо влијание имале и надворешните фактори. Во 70-тите години на XIX век револуционерното движење на поробените народи за национално ослободување најнапред се разгорело во Босна и Херцеговина во јуни 1875 г. и во Бугарија во април 1876 г. Потоа започнала и војната меѓу Србија, Црна Гора и Русија против Турција, во јуни 1876 г., која многу придонела за влошувањето на положбата на македонскиот народ, бидејќи тој бил изложен на голема експлоатација; морал да работи ангарија за правење патишта и други објекти и да ја финансира војната преку плаќањето на нови и тешки даноци. Селаните најмногу страдале од своеволијата на собирачите на даноците и полските чувари (пољаците), како и од разбојничките банди. Сето тоа го натерало македонскиот народ во Источна Македонија да се крене на вооружено востание против турската феудална власт, за национално ослободување.
Главни иницијатори и организатори на востанието биле Димитар Поп Георгиев Беровски (1840-1907 г.) и неговиот дедо Поп Стојан од Разловци.
Димитар Беровски се школувал во Русија и во Белград, Србија, а потоа се вратил во Разловци, каде станал учител. Како учител, заедно со своите браќа, зел учество во борбата што ја водела младата македонска буржоазија против грчкото духовништво, а за своја црква и училишта. Но, за тоа бил осуден и лежел во затвор. Набрзо, тој увидел дека борбата против Цариградската патријаршија нема да го реши основното барање на селаните и граѓаните за нивното ослободување од турското ропство. Затоа, тој направил план за кревање востание во Македонија. За таа цел, во 1875 г. заминал во Солун, каде формирал таен кружок околу здружението Бугарска зора, од каде ги започнал подготовките за востанието. Најголем проблем за успешно изведување на востанието претставувал недостатокот на парични средства со кои требало да се набави оружје, муниција, топла зимска облека и санитетски материјал.
На 20 мај 1876 г. во утринските часови Разловци било нападнато од востаниците. Некои Турци биле убиени, а други ранети. Селаните ги изгореле нивните дефтери. По наредба на Поп Стојан, син му Костадин го запалил сопствениот ан за да им даде пример на селаните дека го жртвува имотот за слободата која е поскапа од сè. Откако се пресметале со тамошните Турци, еден дел од четата, предводена од Беровски, заминала кон Малешевијата, за да се соединат со од порано подготвени 300 малешевци.
Другата група под водство на Цоне Спасов требало да ги евакуира жителите на Разловци и нивната стока, а потоа да се приклучи кон главните востанички сили. На пат кон Берово, кај селото Митрашинци, Димитар Беровски и неговата чета имале судир со една помала турска воена единица. Таа била растерана, но Беровски бил ранет во главата. Оваа неповолна состојба делувала негативно и востаниците наместо да одат кон Малешевијата, се вратиле назад, во Разловци. Од Разловци, четата на делумно закрепнатиот Димитар Беровски продолжила кон Кочанско.
Откако ги победила Турците во Лаки, четата тргнала кон селото Смилјанци, Радовишко, каде од порано имало складирано оружје. Меѓутоа, во Смилјанци дошло до предавство од месниот полјак во Радовиш, така што и тука турскиот аскер брзо реагирал и востаниците доживеале неуспех.
На 29 мај, турскито аскер, засилен со башибозук од околу 1 000 души, тргнале во противофанзива против 300 востаници. Селаните кои не успеале да побегнат биле ѕверски убивани, оставани за пример на населението, а некои од селаните од реонот биле мачени како затвореници во Сер,Солун, Скопје и др.
Поп Стојан се самоубил, а околу 30 востаници од разловечката чета, на чело со Димитар Поп-Георгиев Беровски, успеала делумно да се задржи и да ја продолжи борбата во Малешевските планини, Пијанец, Осоговските Планини и во Кресна.
Причините за неуспехот на востанието главно лежат во неговото предвремено избувнување и незавршените подготовки. Ранувањето на водачот на востанието делувало негативно на текот на востанието.
Востаниците не успеале да се координираат и поврзат со организираните востанички формации во Источна Македонија. Од друга страна, месните турски власти мошне брзо реагирале и го задушиле востанието уште на самиот почеток.
Разловечкото востание, и покрај неговото брзо пропаѓање, е од особено значење за историјата на македонскиот народ. Востанието самостојно го организирала, материјално го издржувала и го извела македонската световна и духовна интелигенција, со масовно учество на селанството.
*фото Архива
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови