Сакам да испратам искрена и длабока благодарност до сите кои гласавте за нас на овие избори, но и кон оние кои не гласаа за нас и гласаа за другите партии, а и кон вас, кои не излеговте на гласање. Во сите тие постапки има пораки, верба и став и ние ќе ги почитуваме истите и ќе работиме во периодот што следи за доброто на сите, без поделби, без цинизам и без меѓусебни попречувања, ќе работиме да ги вратиме вербата и надежта кај секого, колку и ова да звучи невозможно или прозаично, ние ќе се трудиме и ќе се бориме за секој еден глас, за секој еден човек.
Време е конечно да се обединиме. И, ако нешто сакам да го одбележи моето политичко функционирање тоа е мојата борба да бидеме единствени и обединети во желбата за напредок и благосостојба на сите, да ги исцртаме заедничките вредностите кои земјава ќе ја направат просперитетна, каква што ја сакаме сите.
Среќен и благодарен за можноста и шансата која се појавува пред нас, но истовремено свесен, загрижен и за предизвиците со кои се соочуваме како и проблемите кои се наталожени, знам дека не чека сериозна борба за подобро, и во таа борба секој од вас, од сите нас, е подеднакво значаен и подеднакво може да помогне.
Сакам ова мое обраќање до народот после нашите заеднички успеси и макотрпна борба со гордост да го паметиме и споделуваме како почеток на Новото поглавје во политичката историја на Македонија, чиј главен дел сте вие, затоа што вие сте и ќе бидете генерацијата на промени и подвизи, и вие сте силата на Македонија.
Како што сонцето изгреваше секој ден, така ја почнувавме нашата кампања полни со верба и надеж за подобро, дека ќе ве увериме дека можеме и мораме подобро и дека може да се потпрете на нас, свесни за апатијата и разочараноста во политичарите која ја има мнозинството граѓани и која според мене е оправдана.
Храброст, верба, надеж, шанса, можности, пркос, слобода, правда, чесност, работливост, труд се вредностите кои ја имаат изградено оваа земја и сеуште бијат во нашите срца, но се под постојан напад заради неодговорните политичари кои ја изигрувале многупати довербата на народот.
Сите сме свесни во каква состојба е државата и што се случува околу нас. Не е добро. Оправдано многумина од вас велат ја изгубивме државата, затоа што гледаат дека институциите не функционираат, ја препознаваат корупцијата која е широко распространета, знаат дека политичарите не мислат на нив, туку само на себе.
Тоа мора да престане. Мора да престанат разочарувањата и поделбите.
Затоа што, има само една Македонија.
Нема социјал-демократски планини, и вмро-вски реки, нема градови и села на дуи, или на алијанса и беса, или алтернатива, нема езера на левица или на Знам, тоа е една единствена Македонија. Нема социал-демократска или вмровска Македонија. Има само една Македонија. И ова е говорено многупати претходно но никој ништо не превзел.
И се додека тоа не го сфатиме сите, и одговорно се однесуваме кон тоа, затоа што е крајно време, и ова е ми се чини и нашата последна шанса, се до тогаш, не е можен просперитет. Мора да сфатиме дека има само една Македонија и сите сме нејзин составен дел и дека таа не е ништо без нас и ние без нејзе, и дека од тоа каква е и каква ќе биде, зависат нашите животи и животите на идните генерации…
Сето тоа зависи од нас!
Имаме шанса и таа е на дофат, со овие избори! Мора само да веруваме дека можеме заедно! Да веруваме во Македонија И во нас самите!
Но сакам да истакнам дека пред овие парламентарни избори и втор круг на претседателски избори, додека стоиме на работ од овој историски момент, јас сум благодарен и со надеж.
Во текот на целата кампања патувавме заедно водени од заедничката визија за посилна, попросперитетна иднина за нашата нација. Ја презентиравме нашата програма Платформа 1198, која е сериозна програма со многу проекти кои треба да ја променат лошата реалност и да донесат ред и развој, и да ја вратат државата во рацете на граѓаните.
Од раздвижените градски плоштади до тивките села, ги слушавме вашите надежи, ве гледавме во очи, ги знаеме вашите очекувања, вашите соништа и вашите грижи. Ги слушнавме вашите гласови кои одекнуваат низ улиците, тие одзвонуваат од желбата за промени и обнова на земјата.
Го кажувам ова инспириран од вашата непоколеблива поддршка и верба во Македонија, но и од вашата издржливост.
8ми мај е Денот кога треба уште еднаш да се слушне нашиот глас.
Кога сонцето ќе изгрее тоа утро, на денот на изборите имаме свечена должност и света привилегија да го дадеме својот глас и да го обликуваме текот на судбината на Македонија.
Во овој клучен момент да ја потврдиме нашата посветеност на демократијата и слободата, и на вредностите, кои не обединуваат како народ. Да ги отфрлиме апатијата, малодушноста и цинизмот и наместо тоа, да ја прифатиме моќта на нашиот колективен глас да донесе значајни промени.
Заедно минавме безброј предизвици, преживеавме бури, беше тешко, сеуште е, и не чека многу работа. Чуда не се возможни и секој што ќе ви кажува дека може чудо да се случи, знаете дека не е искрен со вас. Но, можеме и мораме да напредувавме со непоколеблива решителност. Ние ветуваме работа и тоа макотрпна и посветена.
Ќе работиме деноноќно за вас и ќе се бориме за вас.
Ние се обврзуваме и даваме збор дека нема да ве изневериме. Патот ќе биде тежок, но нема пречка што заедно нема да можеме да ја надминеме. Имаме знаење, визија, концепт како да одиме напред. Нашите политички противници ги знаете, видовте што може од нив да очекувате и не сакам ова писмо до вас да го обременувам пишувајќи за нив. Се знаете, се е кажано, за жал сите живеевме во реалноста на нивната неспособност и алчност.
Но, сега, додека стоиме на прагот на новото поглавје во приказната на нашата нација, да го искористиме овој момент со храброст и одлучност, и со гордо крената глава да ги победиме заедно!
Нашата победа е на дофат. Тоа ќе биде и ваша победа. Заедничка победа. Но не е доволно само да веруваме во подобро утре. Мора да дејствуваме. Мора да се мобилизираме и да гласаме. За да немаат можност да не уценуваат никогаш повеќе!
За Македонија да биде повторно ваша и да биде во ваши раце!
Со чисто срце и јасна воља Ве повикувам да излезете на гласање со гордост и одлучност. Да тргнеме гордо и масовно на избирачките места обединети за да може нашите гласови најсилно да одекнат низ сите краишта на Македонија.
МАКЕДОНИЈА ПОВТОРНО ТВОЈА!
Со почит,
Христијан Мицкоски
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови