Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, напладне, во вила Видно, ќе го додели мандатот за формирање влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој по изборите на 8 мај обезбеди парламентарно мнозинство со коалицијата Вреди и Движењето ЗНАМ, што беше потврдено при изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието. Новиот владин кабинет е проектиран со реорганизација на ресорите и ВМРО-ДПМНЕ вчера до Собранието достави предлог законски измени кои веќе се ставени на собраниска седница закажана за утре.
Тој побара поддршка од сите пратеници за законските измени за кои е потребно двотретинско мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ на изборите освои 58 пратеници, Коалицијата „Вреди“ 14, а Движењето ЗНАМ шест.
Легитимитетот и легалитетот на ова барање рече дека го темели на изборниот резултат од пред неколку недели кога коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ и новиот претседател професорката Гордана Сиљановска Давкова освоија 436.000 гласови, односно 561.000 гласови.
Измените на Законот, по скратена постапка, тој ги поднесе врз основа на членот 71 став 1 од Уставот и врз основа на членовите 139, 144 и 175 од собранискиот Деловник.
– Очекувам поддршка од сите парламентарни групи кои се дел од овој собраниски состав. Претпоставките да ги оставиме настрана. Не сме наивни политичари да веруваме во случајности, во политиката ретко има случајности, рече Мицкоски, коментирајќи дали се преговара за потребното двотретинско мнозинство за законските измени.
Од СДСМ најавија дека ќе се изјаснат откако ќе го видат предлогот, а од Левица прифаќаат реорганизација на министерствата, под услов ВМРО-ДПМНЕ да прифати промена на изборниот модел и воведување една изборна единица.
-Левица повторно подава рака на ДПМНЕ за овие законски измени да бидат поддржани од нивните пратеници, со едноставен услов – паралелно со ова да се изгласа и Законот со кој ќе се промени изборниот модел и ќе биде воведена една изборна единица! Воведувањето на една изборна единица во Република Македонија е неопходно заради еднаквото вреднување на секој глас на граѓаните даден на изборите. Од мисијата на ОБСЕ веќе со години во своите извештаи препорачуваат ваков изборен модел во државата, а ова не би требало да биде проблем за прифаќање од страна на ДПМНЕ, со оглед на тоа дека тие во својата програма и во предизборните ветувања најавија вакво системско решение, наведе во соопштение Левица.
Со измената на Законот за кои е потребно двотретинско мнозинство треба да се формираат или реорганизираат определен број министерства во рамки на владата.На Министерството за економија ќе му биде додаде сегментот труд, а сосегашното Министерството за труд и социјална политика ќе биде министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт нема да постои и ќе има посебно министерство за спорт. Дел од надлежностите кои ги имаше досега министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на ново министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, ингеренциите за туризмот ќе ги има ново министерството за култура и туризам. Ќе се формира и министерство за дигитализација кое ќе ги наследи обврските ба досегашното министерство за информатичка технологија и администрација, а ново ќе биде и министерството за администрација.
Порака за што поскоро формирање на владата вчера упати евроамбасадорот во државава Дејвид Гир реафирмирајќи ја подршката за соработка со сите чинители кои ќе работат на целта за членството во ЕУ.
-Со нетрпение очекуваме да се формира што е можно поскоро стабилна Влада којашто ќе ги преземе сите неопходни чекори за имплементација на сите реформи се со цел да ја донесе т.е зачлени земјата што е можно поскоро во Европската унија. Ќе соработуваме со сите и очекуваме сите политички чинители кои ја изразија таа посветеност и таа заложба за време на изборниот процес да продолжат да го дадат тој придонес се со цел да го поддржат членството на вашата земја колку што е можно поскоро во рамките на Европската унија, изјави Гир, по отворањето на Европска куќа во Тетово.
Рокот од 20 дена за формирање влада истекува на 25 јуни. За Владата да биде изгласана потребно е апсолутно мнозинство од најмалку 61 пратеник од вкупно 120-члениот парламент.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови