Владата на Македонија денеска ја одржа втората седница на која се донесоа повеќе одлуки, меѓу кои и одлука за именување на раководни кадри на пет државни институции.
Владата му препорача на Управниот одбор на ЈП за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“ да го избере Здравко Трајанов на ВД директор на „Национални шуми“.
Трајанов е редовен професор на Шумарски факултет во Скопје, на областа Искористување на шумите, Механизација во шумарството и Други, по предметите Шумски транспорт, Отворање на шумите, Вовед во градежништво, Парковски инфраструктурни објекти, Влијание на активностите врз животната средина, Феријална пракса. Трајанов во 2001 година бил член на бордот на директори на ШИК Плачковица – Радовиш (претставник на државниот капитал).
Во 2006 година бил надворешен советник во ЈП Македонски шуми, а бил и учесник во работната група за трансформација на ЈП Македонски шуми во 2013 година. Трајанов бил советник во Советот на Општина Радовиш, како и пратеник во Парламентот од 2020 до 2024 година. Тој има посетувано бројни обуки и има објавено голем број на научни и истражувачки трудови во областа на шумарството.
Димовски исто така има искуство во имплементација на инвестициски проекти финансирани од различни меѓународни финансиски институции како што се Светска Банка, Европската инвестициона банка, Банката за развој при Советот на Европа, Европската банка за реконструкција и развој и Германската развојна банка КфВ.
Владата го назначи Александар Пандов за нов ВД директор на Управата за извршување на санкции. Пандов е дипломиран историчар на Институтот по историја на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Бил пратеник во македонското собрание од 1998 до 2002 година. Пандов има работно искуство во приватниот сектор.
За ВД директор на Фондот за здравствено осигурување, владата го назначи Сашо Клековски. Клековски завршил Медицински факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и МБА академска програма на УАЦС. Тој има триесет годишно искуство како менаџер, аналитичар, консултант во јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор. Основач е и член на органи на повеќе граѓански организации, а соработувал со голем број на граѓански организации, мрежи и платформи од различни подрачја. Прв ко-претседател на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество меѓу Европската Унија и Република Македонија од 2007 година до 2010 година. Предавач на Факултетот за деловна економија и менаџмент на УАЦС на МБА студии по предметот Претприемнички финансии од 2013 до 2016 година. Во јавниот сектор работел на подготовка на повеќе национални стратегии, како на пример првата Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2007-2011 година и првата Државна програма за превенција и репресија на корупцијата 2007-2011 година, како и на јакнење на капацитетот на институции, како што се Народен правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Во приватниот сектор работел на стратешки анализи, како на пример Индексот за бирократија во 2020 и 2021 година и како консултант на реструктуирање на бизниси.
Владата го назначи Оливер Миланов за ВД директор на Агенцијата за храна и ветеринарство. Миланов завршил Стоматолошки факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Миланов има работно искуство во делот на безбедност на храна, а доаѓа од позицијата ВД раководител на Секторот за храна од неживотинско потекло во Агенција за храна и ветеринарство.
Учествувал во комисии и работилници од областа на безбедност на храна, а се стекнал со меѓународни сертификати преку учество на обуки во организација на Европската Унија.
*фото Архива
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови