Преображение Господово Христово

Празникот Преображение Господово спаѓа во големите празници што ги празнува Светата Христова црква, но тој и со поголемиот број обичаи и верувања има значајно место во животот на нашиот народ, така што во целокупното празнување на овој празник следиме повеќе слоеви на народната култура.

Празникот Преображение на Господ Исус Христос се слави секоја година на 19 август, односно 6 август. На овој ден се прославува преображението (metamorphosis) на Христос на Тавор, кога Господ Се појави во сета Негова слава пред апостолите Петар, Јаков и Јован.

На Преображение прв пат се јаде грозје или друго овошје откако свештеникот ќе го отпее и благослови. Тоа претставува и благодарност кон Бога за дадените плодови на земјата.


Третата година од Својата проповед на земјата Господ Исус почесто им зборуваше на Неговите ученици за Неговото скорешно страдање, но и за Неговата слава после страдањето на Крстот. За да не ги раслаби Неговото страдање та да отпаднат од Него, Он, Премудроста, сакаше пред да се случат страдањата делумно да им ја покаже Својата Божествена слава. Затоа ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и излезе со нив ноќе на гората Тавор и таму се преобрази пред нив.

И заблеска лицето Негово како сонце, а облеката Му побеле како снег. И се појавија покрај Него Мојсеј и Илија, големите старозаветни Пророци. И видоа учениците и се восхитија. И Петар рече: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три сеници: една за Тебе, за Мојсеј една, а една за Илија“. Но, додека Петар уште говореше, се оддалечија Мојсеј и Илија и сјаен облак ги опфати Господ и учениците и дојде глас од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“

Откако го слушнаа овој глас учениците паднаа ничкум на земјата како мртви и останаа така лежејќи во страв додека Господ не им пријде и рече: „Станете и не бојте се“ (Мт. 17). Зошто Господ ги зеде само овие тројца ученици на Тавор, а не сите? Затоа што Јуда не беше достоен да ја види Божествената слава на Учителот, Кого тој ќе Го предаде, а Господ не сакаше него сам да го остави под гората, та да не може предавникот со тоа да го оправда своето предавство. Зошто се преобрази на гората, а не во долината? За да не научи на две добродетели: на трудољубие и богомислие.

Зашто искачувањето на височина бара труд, а височината ја претставува височината на нашите мисли, т.е богомислието. Зошто се преобрази ноќе? Бидејќи ноќта е попогодна за молитва и богомислие одошто денот и ноќта ја закрива со темнина целата земна убавина, а ја открива убавината на ѕвезденото небо. Зошто се јавија Мојсеј и Илија? За да ја разбијат еврејската заблуда дека Христос е некој од Пророците, Илија, Јеремија или некој друг – затоа Он се јавува како Цар над пророците, и затоа Мојсеј и Илија се јавуваат како слуги Негови. Дотогаш Господ многупати им ја покажуваше на учениците Својата Божествена моќ, а на Тавор им ја покажа Својата Божествена природа.

Тоа видение на Неговото Божество и слушањето на небесното сведоштво за Него како за Син Божји требаше да им послужи на учениците во деновите на страдањето Господово за укрепување на непоколебливата вера во Него и во Неговата крајна победа.


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

About the author /


Related Articles

Временска прогноза