1632.- Шведскиот крал Густав II Адолф – голем војсководец и воен реформатор, загина во Триесетгодишната војна во битката кај Лицен, во која неговата протестантска војска ја победи римокатоличката армија на германскиот цар Фердинанд II Хабзбург под команда на генералот Алберт фон Валенштајн.
1661.- Роден е шпанскиот крал Карлос II, последен монарх од династијата на шпанскиот Хабзбург, кој на престолот стапи како четиригодишник во 1665 година и владееше со Шпанија до 1700 година. Бидејќи немаше наследник по неговата смрт почна војната за шпанско наследство во кое околу шпанскиот имот и круна се судрија Франција, австрискиот Хабзбург (германското царство), Англија и Савоја.
1771.- Роден е германскиот издавач и печатар Алојз Хојан Непомук Франц Зенефелдер, пронаоѓач на системот на литографското печатење. Го напиша „Учебникот за литографија“.
1787.- Во селото Тршиќ е роден Вук Стефановиќ Караџиќ, голем деец во областа на културата – лингвист, етнограф, историчар, собирач на народни умотворби и реформатор на српскиот литературен јазик. Умре во Виена, на 7 февруари 1864 година.
1813.- Мексико прогласи независност. Поттикнати од настаните во Северна Америка, свештениците Хидалго и Моралес поведоа општо востание против шпанските колонизатори. Хидалго беше фатен и погубен, додека Моралес ја продолжи борбата и на овој датум ја прогласи незвисноста на Мексико.
1814.- Роден е белгискиот производител на дувачки инструменти Адолф Сакс, кој во 1840 година го измисли музичкиот интрумент наречен во негова чест саксафон.
1825.- Роден е францускиот архитект Жан Луј Шарл Гарние, чие главно дело е Операта во Париз, еден од најзначајните споменици на париската архитектура во втората половина на 19. век. Ги проектираше и Казиното во Монте Карло и Опсерваторијата во Ница.
1860.- Роден е полскиот пијанист и композитор Игнац Јан Падеревски, професор на Конзерваториумот во Варшава, кој од 1919 до 1921 година беше премиер и министер за надворешни работи на Полска. Дела: операта „Манра“, „Полска фантазија“ за клавир и оркестар, една симфонија, клавирски дела, соло песни.
1860.- Абрахам Линколн е избран за претседател на САД.
1861.- Роден е канадскиот професор по физичко образование Џејмс Нејсмит, кој во 1891 година ја измисли кошарката.
1880.- Францускиот микробиолог Шарл Луј Лаверан, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1907 година, ја откри причината за маларија која ги пустошеше мочуришните предели во светот. Набљудувајќи ја под микроскоп крвта на заболен човек од маларија приметил дека помеѓу цревните крвни зрца има нова хистолошка формација која ја нема во крвта кај здравите луѓе. Заклучил дека тие микроорганизими (подоцна наречени Haemamoeba Laverani) ја предизвикуваат маларијата, но не знаел на кој начин продира во крвта. Англискиот лекар Роналд Рос 15 години подоцна утврдил дека маларијата ја пренесуваат комарците.
1893.- Во Санкт Петербург умре Петар Илич Чајковски, најистакнат руски композитор и еден од најголемите симфоничари во 19 век. Значаен придонес даде и во развојот на рускиот балет. Неговиот музички придонес е мошне богат. Тој е композитор на шест симфонии, на три клавирски концерти на оперите “Евгениј Онегин” и “Пикова Дама”, на балетот “Лебедово езеро” и на увертирата “Ромео и Јулија”, кои спаѓаат меѓу најпознатите дела на руската и на светската класика. Роден е во Камско Боткинск, на 7 мај 1840 година.
1909.- Во Куманово е роден Трајко Прокопиев, истакнат македонски композитор и диригент. По ослободувањето го формира пејачкиот хор на Главниот штаб на НОВ на Македонија, а во 1945 година стана прв директор на Средната музичка школа во Скопје. Тој беше главен музички уредник на Радио Скопје, диригент на Симфонискиот оркестар и на Операта на Македонскиот народен театар, а од 1958 до 1964 година го водеше Ансамблот за народни игри и песни на Македонија “Танец”. Умре во Белград, на 21 јануари 1979 година.
1911.- Претседател на Мексико стана Франциско Мадеро, водач на револуцијата против самопрогласената влада на Порфирио Дијас.
1913.- Британците го уапсија Махатма Ганди „таткото на Индија“.
1917.- По пет месеци борба, во Првата светска војна со победа на западните сојузници врз Германија заврши третата битка кај белгискиот град Ипр. Поместувањето на линијата на фронтот на не цели 10 километри од главниот град го платија најмалку 240.000 војници.
1921.- Роден е Џејмс Џонс, американски писател. Неговите најдобри романи во кои ги обновува сеќавањата за Втората светска војна изобилуваат со натуралистички описи на секс и насилство. Познати му се делата: „Одовде до вечноста“, „Некои дојдоа трчајќи“, „Тенка црвена линија“ и други. Умре во 1977 година.
1931.- Роден е американскиот филмски режисер Мајк Николс. Негуваше специфичен хумор и се бавеше со феномените на современиот американски живот: Филмови: „Дипломец“ (Оскар), „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, „Сексуално воспитување“, „Ловци на мираз“.
1942.- Во селото Битуше, Гостиварско, проработи првата партизанска печатница во Македонија “Гоце Делчев”. За време на НОВ во печатницата, меѓу другите, беа отпечатени Манифестот на Главниот штаб на НОВ и По на Македонија, прогласот на ЦК КП на Македонија по повод Илинденското востание, првите броеви на весниците „Нова Македонија“, „Млад борец“ и „Македонка“, како и првиот дел на зборникот на Кочо Рацин „Македонски ослободителни песни“.
1943.- Советската армија во Втората светска војна ги протера Германците од Киев. Киев беше повеќе од две години под окупација на Германија.
1944.- Ослободени се градовите: Радовиш, Дојран и Валандово.
1944.- Во Битола е формиран хорот “Стив Наумов”, кој подоцна прерасна во КУД “Стив Наумов”.
1962.- Генералното собрание на Обединетите нации ги повика сите нејзини членки да ги применат економските санкции против Јужна Африка поради нејзината расистичка политика.
1968.- Во Париз започнаа мировните преговори меѓу САД и Виетнам, но воената интервенција на Американците во Индокина траеше се до април 1975 година, која заврши со пораз на САД.
1970.- Италија ја призна Народна Република Кина и воспостави дипломатски односи.
1984.- Роналд Реган повторно е избран за претседател на Содинетите Американски Држави.
1989.- Во Њујорк умре Владимир Хоровиц, руски пијанист, еден од најдобрите музичари во 20. век. Во 1944 година стана американски државјанин. Концерти приредуваше во Киев, Берлин, во Лондон, во Њујорк и на други места. Роден е во Киев, на 1 октомври 1904 година.
1993.- Грузиските трупи го зазедоа Зугдиди, последното упориште на бунтовниците лојални на сменетиот претседател на Грузија Звијад Гамзахурди.
1993.- Во Рим, Република Македонија е примена за полноправен член на Меѓународната организација на ОН за храна и земјоделство (ФАО).
1996.- Во циклонот кој ја погоди југоисточната индијска држава Андра Прадеш загинаа повеќе од 2.000 луѓе.
1998.- Првите разговори меѓу Индија и Пакистан од 1992 година за спорниот пограничен глечер Сијачен ги завришија со пакистанското одбивање на индискиот предлог за прекин на огинот.
1999.- Австралијанците со 55 спрема 43 отсто ја отфрлија идејата за укинување на монархијата и воспоставување република. Австралија, како и некои други поранешни британски доминиони (Канада, Нов Зеланд) и понатаму ја признаваат британската монархија како шеф на државата, а британската круна ја застапува генералниот гувернер.
2007.- Умре Енцо Бјаџи, познат италијански новинар. Од 1952 до 1960 година го уредуваше неделникот „Епока“. Во 1961 година стана главен уредник на информативната програма на РАИ. Пишуваше за торинскиот „Печат“, римска „Република“, милански „Кориера дела сера“ и неделникот „Панорама“. Во 2002 година престана да работи за државната делевизија по 700 емисии во информативната програма „Ил Фато“ („Факти“) која ја водеше многу години. Напиша повеќе од 80 книги.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови