Започнува Божиќниот пост

Верниците од петок 28 ноември до 6. јануари идната година треба да се воздржуваат од лоши мисли и храна. За православните христијански верници кои се водат според стариот Јулијански календар почнува божикниот пост.

Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик 7 јануари – денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник.

Божикниот пост е втор по должината на траењето, веднаш по Велигденскиот.

Во однос на „строгоста“ за употреба на храна Божикниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење на вино, зејтин и риба. Строгиот пост на вода се налага во првата и последната недела, како и секоја среда и петок.

Во Православната црква практика е во текот на Божикниот пост верниците да се исповедаат и по можност да се причестат за да бидат што подостојни во подготовката за празнување на Христовото раѓање – Божик. Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела.

За време на Божикниот пост посни се и сите славски трпези.

 

 


 

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

Погледнете повеќе

Повеќе информации