Историски момент, особено за рудникот Бучим, каде што по 20 години од неговото рестартирање во 2005 година, за првпат е склучен колективен договор на ниво на работодавач.
Овој договор, потпишан помеѓу рудниците Бучим и Боров Дол и Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР) при ССМ, претставува историски момент, особено за рудникот Бучим, каде што по 20 години од неговото рестартирање во 2005 година, за првпат е склучен колективен договор на ниво на работодавач. Од друга страна, рудникот Боров Дол, кој започна со работа во 2021 година, успеа да го потпише својот прв колективен договор по само три години од отпочнувањето со работа.
Со овој договор, се унапредуваат правата на вработените, се гарантира подобрување на условите за работа, зголемена заштита и безбедност, како и подобрување на материјалните права на сите вработени.
Управителот на рудниците Бучим и Боров Дол, Александр Раков, изјави:“Новото раководство вложи огромни напори за да се оствари нешто што досега беше недостижно за рудникот Бучим. Ова е клучен момент за сите вработени, затоа што со овој договор обезбедуваме подобри услови за работа и дополнителни права што ќе ја зголемат сигурноста и стабилноста на секој наш вработен.”
Заменик управителот на Бучим и Боров Дол, Ивица Карапетров, додаде: “Нашата цел е да изградиме одржлив и фер однос со сите наши вработени. Потпишувањето на овој договор е потврда на нашата заложба за унапредување на работничките права и создавање стабилна и безбедна работна средина.”
Присутни на потпишувањето на овој договор денес од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР) беше Претседателот Игор Ѓерасов, придружуван од Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов и Претседателите на Синдикалните организации на СИЕР во Боров дол и Бучим Станко Јованов и Бојан Поцев.
На работниците, со самиот почеток на годината, зголемена им е основната плата за месец јануари која работодавачот веќе ја има исплатено.
Социјалниот дијалог кој го водеше СИЕР со менаџерскиот тим на рудникот обезбеди потпишување на Колективен договор по многу години со што направен е значителен напредок во взаемното почитување како социјални партнери, како и во унаоредување на работничките права – истакнуваат од СИЕР.
Истовремено, се прават напори со надлежното министерство да се изврши доплата на разликата за бенифициран стаж за дел од работните места на кои изминатиот период не бил уплатуван истиот заради различниот назив на работните места.
Со ова, рударската индустрија во Македонија добива значаен исчекор во заштитата и унапредувањето на правата на вработените, а рудниците Бучим и Боров Дол продолжуваат да ја потврдуваат својата одговорност и посветеност кон своите вработени.