„Убедени сме во способноста на секој еден избран кандидат. Тоа се луѓе кои се докажани во своите области и сектори на работа“, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски.
ВМРО-ДПМНЕ нема да кандидира свој кадар за градоначалник за Куманово и за Центар за претстојните Локални избори, туку ќе ги поддржи кандидатите на коалицискиот партнер ЗНАМ, одлучи Извршниот комитет (ИК) на синоќешната седница. Неофицијално, за Куманово кандидат на ЗНАМ ќе биде актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, а за Центар Мирослав Лабудовиќ.
Кандидат на СДСМ за Куманово е Мартин Костовски, а за Центар актуелниот градоначалник Горан Герасимовски. Од независните кандидати, во Центар за градоначалничка е кандидирана Билјана Ивановска подржана од граѓанската иницијатива „Независни заедно“. Во Куманово има двајца независни кандидати, Горан Стојковски-Диро од граѓанската иницијатива „Ред за Куманово“, и Нинослав Јакимовски.
На седницата ВМРО-ДПМНЕ утврди и кандидатите за градоначалници во 16 Општини. Иако се зборуваше дека владејачката партија нема да има кандидат за Кичево, синоќа од членовите на ИК бил предложен Александар Јовановски.
Првиот круг на Локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.
*фото Архива

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови




