Во првиот круг од гласањето, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи во 53 општини, СДСМ ја однесе победата во осум општини, ВРЕДИ има победа во девет, а Националната алијанса за интеграција во пет – Државната изборна комисија со првичните резултати од локалните избори. Во над 30 општини ќе има и втор круг гласање. Во Град Скопје води кандидатот Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, а зад него е Амар Мециновиќ од Левица.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата остварија победа во над 50 општини. Во првиот круг од локалните избори, нивните кандидатите за градоначалници се избрани во повеќе од 30 општини, а во над 20 со водство влегоа во вториот круг.
Кандидатите за градоначалници на Социјалдемократите ја загарантираа својата победа во само три општини, а водат во уште пет. ВРЕДИ со најмногу гласови во девет општини, од кои во првиот круг ја потврдија победата во пет, а НАИ ВО четири.
ВМРО-ДПМНЕ има убедливо водство и во Скопје, но градоначалник ќе биде избран во вториот круг. Тука силите ќе ги соочат Орце Ѓеорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица.
Граѓаните во шест скопски општини избраа градоначалници во првиот круг – Бутел, Чаир, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров и Сарај. Според Државната изборна комисија, изборната трка продолжува во четири општини каде граѓаните ќе гласаат во втор круг – Аеродром, Центар, Карпош и Шуто Оризари.
Втор круг на 2-ри ноември ќе има и во Куманово. Кандидатот за градоначалник од ЗНАМ, Максим Димитриевски ќе мора да ја потврди својата победа со освоени 37,89 проценти од гласовите, на дуел со независниот кандидат Горан Стојковски-Диро.
Во неколку општини ќе се повтори првиот круг поради неисполнување на цензусот, меѓу нив се Маврово и Ростуше, Врапчиште, Центар Жупа, а тука е и Гостивар со излезност од 33,31%.
Во однос на освоени гласови на советничките листи, разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е над 200 илјади гласови.

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови



