Богато војничко погребување од VI век пред новата ера е откриено на археолошкиот локалитет Расница кај струшкото село Корошишта. Во гробот се пронајдени штит, шлем, копја, меч, како и богати прилози изработени од злато, бронза и килибар. Ова откритие следува по монументалните наоди од 2024 година, кога археолошките истражувања на локалитетот го привлекоа вниманието на јавноста со откривањето на богата гробна целина. Тогаш беа пронајдени бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златни предмети, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и повеќе бронзени садови. Најновите резултати дополнително го потврдуваат карактерот на Расница како архајска некропола и отвораат нови можности за проучување на погребните обичаи, воената и општествената структура, како и елитите што живееле во Охридско-струшкиот Регион во VI век пред новата ера. Истражувањата ги спроведува Националниот археолошки музеј од Скопје, во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и Управата за заштита на културното наследство. На денешната прес-конференција, за значењето на новите откритија говореа кустосот советник во Националниот археолошки музеј, д-р Перо Арџанлиев; директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, како и директорите на НУ Завод и музеј – Охрид, Горан Патчев, и на НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ – Струга, Цветлана Василевска. Според надлежните, новите наоди претставуваат значаен придонес за проучувањето на архајскиот период во Македонија. Со континуираните истражувања, Расница сè повеќе се издвојува како еден од значајните археолошки комплекси од овој период во земјава. Министерство за култура © RadovisNews.mk, правата за текстот се на редакцијата на информативниот портал. Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови Post navigation ОПШТИНА РАДОВИШ СО 93,9% АКТИВНА ТРАНСПАРЕНТНОСТ – МЕЃУ ОПШТИНИТЕ СО МНОГУ ДОБРА ОТВОРЕНОСТ КРВОДАРИТЕЛСКА АКЦИЈА ВО РАДОВИШ