Електричните тротинети наскоро би можеле да подлежат на построги сообраќајни правила, откако се предложени измени на Законот за безбедност во сообраќајот. Новите мерки имаат цел да ја зголемат безбедноста и да го намалат бројот на несреќи поврзани со овие превозни средства. Со предложените измени се предвидува електрични тротинети да управуваат само лица кои имаат наполнето 18 години, додека максималната дозволена брзина би била ограничена на 20 километри на час. Покрај финансиските санкции за прекршителите, новите правила предвидуваат и можност за привремено одземање на електричниот тротинет во период од 30 дена. Според образложението на предлагачите, потребата од вакви промени произлегла од анализите на сообраќајните незгоди во кои учествувале лица со електрични тротинети. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, изјави дека ограничувањето на брзината и зголемувањето на старосната граница се мерки насочени кон намалување на ризиците во сообраќајот. Тој посочи дека дел од несреќите биле поврзани со млади лица на возраст од 16 и 17 години, поради што се предлага минималната возраст за управување да се зголеми. „Целта е да се намалат прекршоците и да се создаде поголема сигурност за сите учесници во сообраќајот“, беше истакнато во образложението на измените. Според податоците изнесени во Собранието, во изминатиот период во сообраќајни незгоди учествувале голем број лица, при што имало и смртни случаи и тешко повредени. Предлагачите сметаат дека иако мерките се построги, тие се потребни за подобра контрола и поголема одговорност при користењето на електричните тротинети. Измените се предлагаат да бидат разгледани по скратена постапка. *фото – InterNet © RadovisNews.mk, правата за текстот се на редакцијата на информативниот портал. Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови Post navigation Сончево време, попладне локално невреме