Највисоки први награди со почести за Јана и Мима во Њујорк

Во преполната сала на музичкиот центар Di Menna во срцето на Менхетн во Њујорк беа одржани концертите на победниците од натпреварите по музика организирани од IYMC – International Youth Music Competitions на кои се претставија најдобрите млади музичари од целиот свет.

Во текот на четирите концерти, околу 150 солисти, камерни ансамбли и композитори блескаа со своите уметнички перформанси. Сите тие, во текот на целата година, внимателно беа оценувани од еминентно стручно жири составено од врвни професори од различни земји од сите  5 континенти од светот. По завршувањето на првата online фаза, само најдобрите беа поканети во Њујорк, за уште еднаш во живо да го докажат својот талент и уметнички способности.

На овие концерти, помеѓу најдобрите од најдобрите, се најдоа и Јана Јованова и нејзината сестра Мима Јованова на кои им беа доделени високи Први Награди со Почести (First Prize with Honors) на секоја, во својата возрасна категорија.

Јана Јованова која досега има освоено повеќе од 40тина награди по пијано, помеѓу кои и наградите од Милано, Венеција, Берлин, Париз, Виена, Барселона… се натпреваруваше во категорија Senior (од 14 до 18 години)  и со своите 15 години успеа да ја освои највисоката Прва Награда – First Prize with HONORS.

Нејзината сестра Мима Јованова, која претходно има освоено медали и пехари во Венеција и Барселона, овој пат во Њујорк се натпреваруваше во категорија Junior II (од 10 до 13 години), како една од помладите во таа категорија, на 11 години, исто така се здоби во највисока Прва Награда – First Prize with HONORS.

За своите успешни настапи во Њујорк тие добија Медали и Трофеи, на кои се испишани нивните имиња, државата и наградите кои ги имаат добиено. Исто така, нивните кратки биографии се напишани во книгата заедно со останатите најдобри учесници на натпреварот.

На крај, по завршувањето на концертот на победници, Мима и Јана се здобија и со дополнителни медали: Grand Prize и Artist of the Year.

Да се добие покана за Њујорк воопшто не е мала работа, а да се успее да се отиде таму претставува навистина голем предизвик. Имајќи го во предвид фактот дека нашата економската моќ е неспоредливо помала во споредба со многу други учесници од различни земји, јасно е дека без соодветна поддршка ваквите големи проекти би биле неостварливи. Затоа, од особено големо значење е да им се заблагодариме на сите оние кои ги поддржаа Јана и Мима во остварувањето на овие високи резултати за нашата општина и држава.

За прв пат, во овој мандат, тие добија значајна финансиска помош од Општина Радовиш. Со мал придонес се приклучи и Општина Конче. Секако, тука е и нашиот долгогодишен помагател – рудникот Бучим, кој редовно ги поддржува активностите на Јана и Мима. Господинот Ванчо Чифлиганец, кој претходната година лично и ja врачи наградата за „Првенец на генерација“ на Јана, одлучи дека ќе го поддржи овој голем успех.

Посебна благодарност и огромна чест ни е што овој пат најголемата поддршка ни ја даде господинот Ристо Гуштеров, кој навистина на многу начини помогна во конечното реализирање на овој голем проект.

Голема почит и благодарност до сите нив!

Во оваа прилика, сакаме да ги поздравиме и нашите македонци кои живеат во Њујорк и кои многу се израдуваа на успесите на Јана и Мима. Тоа се нашите пријатели: Ненад, Ване, Дејан… како и нашата позната пијанистка Илинка Манова, која живее и предава на конзерваториумот MANNES во Њујорк.

Како и многупати досега, значајно е да се заблагодариме и на сите професорки, кои во претходните години имаат работено со Јана и Мима, и секако нивните сегашни професорки Јасмина Бикова Стојанова и Лина Динева Ристова, кои навистина посветено работат со нив.

На крај, би сакале да упатиме апел до сите бизнисмени и компании, во иднина да ги помагаат младите и талентираните, со што ќе ги мотивираат за големи успеси и ќе даваат личен позитивен пример на следните генерации поддржувајќи ги вистинските вредности.

…изјавија родителите на Јана и Мима

 

 

По големиот успех во Њујорк, Јана и Мима добија директна покана за настап во Бехштајн Хол (Bechstein Hall) во Лондон, како и директен пласман за уште неколку други светски пијано натпревари.

 


 

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


 

 

 

 

 

 

 

 

Погледнете повеќе

Повеќе информации