1. Општи препораки за заштита од топлотен бран – За време на топлотен бран избегнувајте, колку што е можно, излегување во надворешна средина во периодот од 10:00-17:00 часот. Неопходните работи завршувајте ги пред 10:00 часот или после 17:00 часот. – За време на топлотен бран во периодот од 10:00- 17:00 часот, да се избегнуваат напорни физички активности, вклучувајќи спорт и рекреативни активности. – Останете, колку што е можно, во затворени климатизирани простории (обичните вентилатори не помагаат кога температурата е над 35 степени). Затворете ги прозорците и ролетните во тек на денот, отворете ги навечер кога температурата е пониска. – При неопходен престој на отворен простор, избегнувајте директна изложеност на сонце, најдете можности за почести одмори под сенка. – Носете светла и лесна облека (светлите бои, во извесна мера ја одбиваат светлината) од природни такенини (памучни, ленени), ставете заштитни очила и капа. – Внесувајте големо количество на течност (не чекајте да бидете жедни), почнувајќи од обичната вода за пиење, па сѐ до минерализирани безалкохолни пијалоци. Избегнувајте алкохолни пијалоци и пијалоци кои содржат кофеин, како и екстремно студени пијалоци. – Внесувајте помало количество на храна. Избегнувајте мрсна и високо-калорична храна и храна која содржи поголемо количество шеќер. – Туширајте се со студена вода повеќе пати во денот (или ставете студени облоги и чувајте ги нозете во студена вода). – Кога сте во возило, отворете прозорец, за да овозможите вентилација на воздухот. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото. – Хроничните болни, посебно тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, потребно е да бидат многу дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата терапија. За секакви промени на здравствената состојба, задолжително да го консултираат матичниот доктор. – Пред употреба на свеж зеленчук и овошје, задолжително е нивно миење. – Термички подготвена храна, да се конзумира веднаш после подготовката. Ако тоа не се направи, подготвената храна да се стави во ладилник на температура до +8 Целзиусови степени, а пред употреба, да се загрее на +100 степени. – Да се избегнуваат производи кои не се термички обработени (домашен мајонез, сладолед, разни кремови). – Консултирајте се со својот доктор, доколку почуствувате невообичаени симптоми кои траат подолго време. – Ако чуствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или чувство на интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преместете се на постудено место, колку што е можно побрзо и измерете ја својата телесна температура. Веднаш напијте се вода или негазиран минерален пијалок за да се рехидрирате. – Ако имате болни грчеви во мускулите на нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на постудено место и напијте се течност што содржи електролити. Медицинска помош е потребна ако грчевите траат подолго од еден час. – Ако некој член од вашето семејство или лице на кое помагате, има топла и сува кожа или е во бесознание, веднаш повикајте 194! Додека се чека итната медицинска помош, префрлете го на студено место и ставете го во хоризонтална положба, подигнете му ги нозете и колковите, отстранете му ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење (студени облози на вратот, пазувите и слабините и постојано прскајте му ја кожата со вода). Мерете му ја телесната температура. Не давајте терапија. Ако лицето е во бесознание, не треба да лежи на грб, туку завртете го во странична положба. *фото Архива Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови Post navigation СОНЧЕВО И МНОГУ ТОПЛО, ВО ИСТОЧНИТЕ ДЕЛОВИ СО МАЛА ОБЛАЧНОСТ ИЗВЕСТУВАЊЕ: УПРАВНИ РАБОТИ ВО РАДОВИШ ЌЕ РАБОТИ И ВО САБОТА