Партиите и независните кандидати денеска на првиот ден од кампањата за Локалните избори 2025 започнуват со официјалните претставувања пред гласачите. Изборната кампања започна денеска и ќе трае до 17 октомври на полноќ по што следува 24-часовен молк пред гласањето на 19 октомври (втор круг 2 ноември). Освен на терен меѓу и со поддржувачите, кампањата е веќе започната и на социјалните мрежи.
Кој каде ќе стартува?
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја започнуваат изборната кампања вечерва во Скопје на голем настан на кој ќе го промовираат кандидатот за градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски. Претставувањето на сите кандидати за градоначалници и носители на листите за советници се одржа во саботата во Штип.
Централниот настан на СДСМ и коалицијата вечерва е во Крушево каде кандидат за градоначалник е Томе Христоски, а претходно нивниот изборен караван ќе биде во Демир Хисар и во Могила. Тие вчера имаа претставување на сите кандидати на коалицијата што ја предводи опозициската партија.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, проф. Горан Марковски, поддржан од граѓанско-политичката платформа Независни заедно кампањата ќе ја почне со прес-конференција на улицата Љубљанска во Карпош.
Вреди ќе го одржи централниот настан за претставување на кандидатите за градоначалници во вторник во Скопје, а денеска на плоштадот Скендербег свое претставување ќе има кандидатот за градоначалник на Чаир и вицепремиер Изет Меџити и советничката листа за оваа скопска општина.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) централниот настан за претставување на кандидатите за градоначалници го одржа синоќа во Скопје.
Вчера претставување на своите кандидати за градоначалници и советници организираше и коалицијата „Искуство за успех“ што ја сочинуват ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР.
Претставувања на кандидатите за градоначалници и совети ќе има и во други општини.
Како што е предвидено во Изборниот законик (член 69а) за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови



