Информативниот медиум, порталот Радовиш Нјуз согласно уредувачките политики во наредниот период ќе објави интервјуа на кандидатите кои се номинирани за Локалните избори 2025.
Целта на овие интервјуа е граѓаните подобро да се запознаат со дел од нивните програми, визија и приоритети кои ќе ги понудат на овие локални избори!
Интервју со Столе Николов, носител на советничката листа на политичката партија ЗНАМ, за информативниот портал Радовиш Нјуз за идниот настап на Локалните избори, за очекуваните резултати на ЗНАМ за Општина Радовиш.
Радовиш Нјуз: Кој е Вашиот личен и професионален профил? Што Ве мотивираше да ја прифатите оваа одговорност?
Столе Николов: Јас сум Столе Николов, имам 27 години, дипломиран машински инженер и вработен сум во приватниот сектор. Одлучив да ја прифатам оваа одговорност затоа што верувам дека младите мора да бидат активен дел од политиката и одлуките кои се однесуваат на нашата иднина. Ме мотивира тоа што ЗНАМ е движење составено од нови луѓе, без товар од минатото, подготвени да понудат чесна и енергична политика во интерес на сите граѓани.
Радовиш Нјуз: Каква е визијата на Столе Николов и ЗНАМ за Радовиш. И кои се главните цели за советот.
Столе Николов: Нашата визија е Радовиш да стане современа и динамична општина каде сите генерации ќе имаат подобри услови за живот. ЗНАМ сака да донесе свежина во политиката, со транспарентна и одговорна работа. Главни цели се подобрување на инфраструктурата, поддршка за младите и семејствата, стабилност и сигурност за повозрасните, како и вистинска поддршка за локалните бизниси и земјоделците.
Радовиш Нјуз: Кои се Вашите главни приоритети доколку добиете доверба од граѓаните? Што прво би иницирале како советничка група?
Столе Николов: Прв приоритет е транспарентност – граѓаните мора да знаат како се трошат нивните пари. Ќе иницираме редовни јавни извештаи за буџетот и проектите. Втор приоритет е подобрување на инфраструктурата – улици, канализација и јавни површини. Воедно, ќе се залагаме за поддршка на младите преку спорт, култура и бизнис иницијативи, но и за подобри услови за повозрасните граѓани и пензионерите.
Радовиш Нјуз: Што сметате дека се најголемите проблеми со кои се соочува општината? Како би ги решавале тие проблеми во рамки на Советот?
Столе Николов: Најголеми проблеми се недостигот на транспарентност, запоставената инфраструктура и одливот на млади луѓе. Решението е јасна стратегија: отчетност и отвореност на институциите, планирани инфраструктурни проекти и мерки што ќе ги задржат младите во Радовиш. Ќе се залагаме и за програми кои ќе им помогнат на земјоделците и малите бизниси.
Радовиш Нјуз: Како ја гледате соработката со градоначалникот и останатите институции?
Столе Николов: Соработката ја гледам како неопходна. Мојата цел е заедничка работа и дијалог за да се реализираат проекти во интерес на граѓаните. Советот треба да биде коректив кога е потребно, но и партнер за да се унапредува општината.
Радовиш Нјуз: Што е Вашата порака до жителите пред изборите? Зошто тие треба да ја дадат поддршката токму на Вашата листа?
Столе Николов: ЗНАМ претставува нова енергија и нов пристап во политиката. Нашата листа е составена од чесни и одговорни луѓе, кои се тука за граѓаните, а не за лични интереси. Сакаме да градиме Радовиш заедно со вас – град каде младите ќе гледаат иднина, семејствата сигурност, а повозрасните заслужено почитување. Со вашата поддршка ќе обезбедиме стабилност, развој и подобар живот за целата општина.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови