Советот на Општина Радовиш денес ја одржа XVII редовна седница, со која претседаваше претседателот на Советот, Гоце Дединец. На дневен ред се најдоа 17 точки, кои се однесуваа на образованието, урбанизмот, буџетот, имотно-правните прашања и развојните политики на општината.

Седницата започна со усвојување на записникот од претходната седница, по што следуваа советничките прашања, на кои одговори даде градоначалникот на Општина Радовиш, Љупче Почивалец, осврнувајќи се на актуелните проекти, инфраструктурните активности и прашањата поставени од советниците.

Во продолжение, Советот даде согласност на Годишниот план за вработување за 2027 година на ОНБ „Браќа Миладиновци“, а беа разгледани и усвоени годишните извештаи за работата на основните училишта „Коста Рацин“ – с. Подареш, „Кирил и Методиј“ – с. Ораовица, „Орце Николов“ – с. Ињево и „Никола Карев“ – Радовиш за учебната 2025/2026 година.

Советниците ги усвоија и годишните програми за работа на училиштата „Орце Николов“, „Кирил и Методиј“ и „Коста Рацин“ за учебната 2026/2027 година, со што беа создадени услови за нивно непречено функционирање во претстојната учебна година.

Значаен дел од седницата беше посветен и на развојните документи на Општината. Советот ги усвои измените на Програмата за уредување на јавните површини, измените на Програмата за изработка и дополнување на урбанистичките планови, како и четвртата измена на Програмата за функционирање на општинската администрација за 2026 година.

Меѓу донесените одлуки се најдоа и измената на распоредот на средствата во Буџетот на Општина Радовиш за 2026 година, одлуката за доделување недвижна ствар на времено користење на Доброволното противпожарно друштво КОБРИ од село Злеово, одлуката за започнување постапка за купопродажба на недвижен имот, како и иницијативата за започнување постапка за трансформација на Технолошко-индустриската развојна зона согласно Законот за индустриски – зелени зони.

На крајот од седницата, советниците го усвоија и Извештајот за работата на работните тела на Советот на Општина Радовиш.

Со донесените одлуки, Советот продолжува да носи мерки и политики насочени кон подобрување на образовниот процес, унапредување на урбанистичкиот развој, поефикасно функционирање на локалната самоуправа и реализација на проекти од интерес на граѓаните на Општина Радовиш.


© RadovisNews.mk, правата за текстот се на редакцијата на информативниот портал.

 

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

error: Содржината е заштитена !!