Положување на цвеќе на споменикот на 28те застрелани селани од село Гарван, меѓу кои и три малолетни деца , злостор извршен без никаква пресуда!
Денес од делегации беше положено свежо цвеќе и оддадена почит на споменикот во село Гарван, Конечко.
Гарванскиот масакр е колеж извршен во радовишкото село Гарван од страна на воена единица на Кралството на СХС по наредба на жупанот на Брегалничкиот округ, Добрица Матковиќ како одмазда за смртта на колонистите во селото Кадрифаково, Свети-николско, убиени од четата на ВМРО предводена од Иван Јанев-Брло на 16 јануари 1923 година.
На 3 март 1923 година селото било гранатирано и биле застрелани без судење 29 селани, сите мажи, меѓу кои и три деца од 12 до 18 години. Дополнително, една 65-годишна старица од глетката на труповите од ужас починала на самото место
За настанот имало реакции не само кај домашната, туку и од европската демократска јавност.
Со помош на селскиот кмет, војниците успеале да соберат 28 селани од нивите и ги донеле сред село. Меѓу собраните мажи имало и две деца на возраст од 12 и 13 години. Жените биле отстранети од собирот, а мажите биле однесени на патот кон Штип. Кога се оддалечиле на 2-3 километри од селото, кај полјаната наречена Чука, жупанот Матковиќ им рекол: Еј вие Бугари кажете каде се комитите и каде се кријат? Ние не сме Бугари, ниту пак Срби, ние сме Македонци-Гарванчани и не знаеме за никакви комити, одговориле селаните. Жупанот веднаш наредил селаните да се стрелаат. Телата на убиените шест дена биле чувани од српската војска. Баба Цвета Томова на возраст од 65 години станала 29-та жртва на масакрот откако ја видела глетката.
Седмиот ден дошле селани од соседните села кои ги погребале мртвите тела. Жртви на ова злосторство се: Тане Иванов (50 години), Пане Коцев (28), Петруш Иванов (47), Стојан Филипов (25), Димитар Иванов (41), Доне Василев (29), Петруш Атанасов (21), Иван Василев (35), Георги Милев (32), Моне Василев (12), Евтим Трајанов (30), Мите Здравев (19), Стевко Трајанов (39), Димитар Колев (37), Петруш Велинов (35), Атанас Колев (13), Костадин Здравев (18), Богатин Георгиев (23), Христоман Поцев (59), Петре Георгиев (40), Георги Донев (31), Јане Поцев (59), Тасе Евтимов (52), Ефтим Петрушев (20), Трајан Тасев (23), Васил Симеонов (27), Стое Коцев (34) и Костадин Цветков (31).
Стравот бил голем да се зборува за Гарванската голгота тогаш кога Македонија била српска, а уште пострашно било да се зборува за време на ФНР Југославија бидејки таквите ги осудувале на казна затвор.
Овој настан ретко се одбележувал и многу малку се знае за него.
Селото Гарван се наоѓа под падините на планината Серта, помеѓу Штип-Радовиш-Неготино. Денес не е тешко да се стигне до селото, патот е преоден во должина од 3 километри.