Една седмица од кампањата за претседателските избори, кандидатите и денеска продолжуваат со митинзи и средби со граѓани на кои ги претставуваат своите изборни програми.

Караванот на претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, денеска продолжува со средби на граѓаните на Демир Капија, Градско и Росоман. Актуелниот претседател вечерва ќе се обрати и на митинзи во Неготино и во Кавадарци.

Kандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, со митинзи денеска ќе продолжи во Василево, Босилово, Радовиш и во Струмица.

Билјана Ванковска, кандидатката на „Левица“, денеска во скопската населба Карпош кај „Сити мол“ ќе има средба со граѓани. Потоа, во Нерези ќе има положување цвеќе пред Споменикот на партизаните, a во Аеродром – Отворање на канцеларија во населба Лисиче до ОУ „Гоце Делчев“.

На дневната агенда на кандидатот на ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, се средба со граѓани од врата на врата во Лозово, како и изјава и средба со граѓани во Свети Николе. Оттаму заминува во Штип каде ќе се обрати пред општинскиот штаб на партијата.


Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, на вчерашниот митинг во Куманово вети ќе стори сѐ, како што рече, Македонија да биде пристојна држава во која владее правото, правдата, а не „моќни политички богови и олигарски групи“.

– Оние кои се на функција треба во секој момент да ви докажуваат дека таму се поради вас, не поради своите кариери, јас ќе го докажам тоа, рече Силајновска Давкова.

Обраќајќи им се на младите рече дека за нив е потребно да се создаде амбиент за натпревар во кој што тие ќе сакаат да се вратат дома, рече дека е горда на спортистите, на академците.

– Сѐ е ново во програмата, дури и она обичното може да биде импулс во просперитетот на државата и во европеизацијата на Македонија. Ќе се обраќам не како овој претседател, само за Нова година, туку, секогаш кога ќе мислам дека треба да ги потсетам и пратениците, и Владата, на граѓаните, особено на оние кои имаат потреба од заштита. Тоа е демократски, тоа е во рамките на поделбата на власта, и што е најважно тоа сите ќе го видете пред Собранието, оти собранието е јавна граѓанска и пратеничка сцена, рече Силјановска Давкова.

Најави засилена соработка со иселениците, организирање семинари по македонски јазик за децата, а во обраќањето пред кумановци се осврна на екологијата и заштитата на животната средина и рече дека во соработка со граѓански организации ќе гради стратегија.

 


 


 

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

error: Содржината е заштитена !!