Собранието на Република Македонија, во рамките на 106. седница, по скратена постапка ги донесе измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои се однесуваат на регулирањето на учеството на електричните тротинети во сообраќајот.

Со измените се редефинира поимот „лесно електрично возило“, земајќи ги предвид искуствата на повеќе земји од регионот, како и појавата на нови видови возила на пазарот, меѓу кои спаѓаат и електричните тротинети.

Една од клучните новини е ограничувањето на максималната дозволена брзина на лесните електрични возила на 20 километри на час, во согласност со препораките на Европската Унија за регулирање на овој вид сообраќај.

Со цел да се намали бројот на прекршоците и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, се заоструваат и условите за управување со електрични тротинети. Според новите законски решенија, со нив ќе можат да управуваат само лица кои имаат најмалку 18 години.

Дополнително, се воведуваат и построги санкции за прекршителите. Покрај паричните казни, во одредени случаи е предвидено и одземање на електричниот тротинет, и тоа кога:

  • возачот е малолетно лице;
  • е надмината дозволената брзина;
  • се превезува друго лице на тротинетот;
  • возачот управува под дејство на алкохол.

Со измените се направени и соодветни интервенции во прекршочните одредби на Законот, со цел нивно усогласување со новите правила и мерки за безбедно учество на електричните тротинети во сообраќајот.


© RadovisNews.mk, правата за текстот се на редакцијата на информативниот портал.

 

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

 

 

 

error: Содржината е заштитена !!