Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека заклучно со 25 јули 2025 година евидентирана е загрижувачка состојба во однос на исполнувањето на обврските поврзани со данокот на додадена вредност (ДДВ). Според последните податоци: Не се поднесени ДДВ-пријави од 142 месечни и 2.134 тримесечни обврзници. Пријавен, но неплатен ДДВ-долг е евидентиран кај 1.326 месечни и 7.748 тримесечни обврзници. Директорката на Управата за јавни приходи, м – р Елена Петрова, упатува јасна порака: „Непочитувањето на законскиот рок е сериозен прекршок. Сите обврзници кои не поднеле ДДВ-пријава и/или не го платиле ДДВ-долгот се повикуваат итно да постапат согласно законските прописи. Даночната дисциплина не е избор, туку законска обврска и одговорност на секој граѓанин и компанија — темел за функционална држава.“ Управата за јавни приходи веќе достави персонализирани известувања до сите ДДВ-обврзници кои имаат пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Преку координирано постапување и интензивна комуникација со даночните обврзници и со сметководителите, се спроведува целосен сет активности и мерки — со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. За секој ден на задоцнување, се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг.По доставата на опомените, Управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно. Со цел навремено информирање и исполнување на обврските, како и обезбедување солидна даночна историја, УЈП останува во постојана комуникација со сите релевантни страни. Post navigation Голем успех на младиот радовишанец Кирил од меѓународниот пливачки митинг „Охрид Опен“ Денеска се очекува нестабилно време со пороен дожд и грмежи, променливо облачно во текот на денот