ЖИТЕЛИТЕ НА РАДОВИШКИТЕ СЕЛА БУЧИМ И ТОПОЛНИЦА БЕЗ ЧИСТА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

Жителите на радовишките села Бучим и Тополница со децении ја делат истата мака за чиста и здрава вода за пиење. Изградени во најнепосредна близина на рудникот за бакар и злато Бучим, речиси преку цела година, вода се носи со цистерни, буриња и стомни од други населени места во околината и од градот Радовиш. Селото Бучим граничи со рудникот, последните куќи се изградени буквално на работ на ридот каде се врши ископ на руда. Вознемирени се од честите тресења и минирања, но од нив пострашна е прашината што ја вдишуваат и напукнувањата на куќите.

Во тополница ве пречекува неверојатно кисел вкус на воздухот, кој ви го гребе грлото и ја суши устата. Жителите му свикнале, веќе не го ниту приметуваат. Велат дека се уморни од алармирање за сите проблеми што им ги прави рудникот, бидејќи никој не реагира за оваа состојба.

Директорот на Бучим признава дека има проблем со водата, но го решавале најдобро што умеат. Ги снабдувале селата редовно со вода, освен во одредени кризни периоди во летото, кога вода нема ниту за пиење, ниту за рудникот. Според него, Бучим и Тополница се наследени проблеми уште од отворањето на рудникот и со нив се обидуваат да се носат.

Бучим пред десетина години беше лоциран како жешка еколошка точка во државата, особено поради отпадните води и огромното јаловиште. Таму, со донација на Холандија се почна проект за третман на отпадните води, а долем дел од јаловиштето се пошуми. Сепак, проблемот на жителите за чиста вода за пиење и понатаму е отворен и претставува болно прашање на 21 век.

 

Прилог: Сузана Мицева, ТВ ТЕЛМА

 

 

 

About the author /


Related Articles

Временска прогноза