Со многу насмевки, позитивна енергија и прекрасни моменти поминати во природа, успешно заврши манифестацијата „ВелоЛисец Камп-Аут 2026“, која и оваа година ги собра љубителите на велосипедизмот, авантурата и активниот начин на живот.

Во текот на двата дена учесниците уживаа во возење по атрактивна off-road патека низ природните убавини на регионот, како и во бројните содржини подготвени за најмладите. Посебно внимание привлече zip-line атракцијата, на која беа реализирани илјадници спуштања, предизвикувајќи возбуда и радост кај децата и посетителите.

Годинашното издание доби дополнителна вредност со присуството на гости од повеќе градови низ Македонија, кои беа дел од оваа спортско-рекреативна приказна и придонесоа за уште поубава атмосфера.

На Вело-Полигонот учествуваа повеќе од 50 натпреварувачи, распределени во седум категории. Најуспешните беа наградени за своите вештини и постигнати резултати, но организаторите истакнуваат дека вистински победници се сите деца кои покажаа спортски дух, храброст и желба за дружење и активен престој во природа.

Убавото време овозможи целосна реализација на програмата, а вечерните часови поминати под отворено небо, исполнети со музика, дружење и нови пријателства, создадоа спомени кои долго ќе се паметат.

Организаторите изразија голема благодарност до сите волонтери, поддржувачи, спонзори и учесници кои придонесоа за успешна организација на настанот.

„Најголемата награда за нас се среќните детски лица и задоволните родители. Токму тие се нашата мотивација да продолжиме со уште повеќе енергија, нови идеи и уште поголеми авантури во иднина“, истакнаа организаторите.

ВелоЛисец Камп-Аут уште еднаш потврди дека спортот, природата и дружењето се вистинската формула за создавање здрави навики, нови пријателства и спомени кои остануваат за цел живот.



© RadovisNews.mk, правата за текстот се на редакцијата на информативниот портал.

 

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

 

error: Содржината е заштитена !!