ПЕНДАРОВСКИ И СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА ПОЛОЖИЈА ЦВЕЌЕ НА ГРОБОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Државниот врв, партиски делегации и граѓани денеска одбележаа 121-годишнина од смртта на Гоце Делчев.

Делчев загинал на денешен ден во 1903 година во селото Баница, денешна Грција, во битка со османлиските војски.

На неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје, свежо цвеќе положи актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој е претендент за втор мандат, како и неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова.

Изјави за медиумите не дадоа, но на социјалните мрежи потсетија на идеалите на великанот.

 

„Визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, Делчев за македонскиот народ претставува стожер врз кој денес ја градиме нашата државност и самобитност. Слава му!“,

напиша Пендаровски за Гоце Делчев.


Силјановска-Давкова пак, порача дека никој нема право да се откажува од апостолот на македонската револуционерна борба.

„Никогаш нема да дозволиме некој во наше име да ја фалсификува македонската историјата во која нема место за Гоце, Даме, Јане, Питу и сите други што ги удриле темелите на македонската држава. Денот на смртта на Делчев нè потсетува колкава е жртвата на нашите предци кои ги дале своите животи за ние да живееме во своја држава. Истовремено, овој ден паметник е можност да им оставиме аманет на идните генерации да ја продолжат борбата за македонска држава која никогаш не запира. Македонија е како куќа, ако не ја одржувате таа ќе се руинира, затоа треба да ги поправаме или да ги менуваме расипаните делови за, куќата наречена Македонија, да биде функционална и удобна за сите“,

објави Силјановска-Давкова.

 



 




 





 

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

 

 

 

About the author /


Related Articles

Временска прогноза